Еден необичен член на тимот внесе топлина и насмевки таму каде што тие се најпотребни. Станува збор за 2,5-годишен лабрадор по име Роџер, кој неодамна бил вдомен и денес активно учествува во секојдневните активности насочени кон поддршка на пациентите.
Роџер е дел од концепт кој користи присуство на животни за подобрување на емоционалната состојба, смирување и полесна комуникација кај лицата кои се соочуваат со психички предизвици. Преку контролирани и внимателно организирани активности, кучето помага во создавање чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што позитивно влијае врз вклученоста во терапијата.
Активностите со лабрадорот се одвиваат индивидуално или во мали групи, секогаш со согласност на пациентите и под стручен надзор. Дел од нив доброволно учествуваат и во прошетките, што дополнително придонесува за чувство на одговорност и поврзаност.
Покрај терапевтската улога, вдомувањето на Роџер носи и силна хумана порака – подигнување на свеста за грижа и одговорен однос кон напуштените животни. За кучето се грижи персоналот, има обезбедено соодветни услови, редовна ветеринарна нега и строго дефинирани правила за движење и престој.
Лабрадорите се познати по својата смиреност, емпатија и способност да препознаваат човечки емоции, што ги прави идеални за ваков тип активности. За кратко време, Роџер стана симбол на позитивна енергија и омилен „колега“ кој без зборови нуди поддршка таму каде што е најпотребна.

















