Од денеска, 12 октомври, официјално стапија во сила новите правила за влез во Европската Унија, кои важат и за македонските државјани. Станува збор за дигиталниот Систем за влез и излез (ЕЕС), кој ќе се користи на сите гранични премини на 29 земји од Шенген зоната.
Овој систем ќе го замени досегашното ставање печати во пасошите со електронска регистрација на податоците за сите патници кои не се државјани на Европската Унија. Тоа значи дека секој Македонец кој патува во некоја земја од Шенген зоната за престој до 90 дена, ќе мора да биде регистриран во системот.
Во рамки на првото патување по воведувањето на ЕЕС, патниците ќе даваат биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија, како и податоци од пасошот. На граничните премини ќе има пунктови за самопослужување, а можно е и предрегистрирање преку мобилни апликации, со што ќе се забрза процедурата.
Периодот на прилагодување ќе трае шест месеци, а целосната примена на системот ќе започне од 10 април 2026 година, кога печатите во пасошите целосно ќе исчезнат.
Според Министерството за внатрешни работи, новиот систем ќе овозможи побрзи, побезбедни и поефикасни гранични контроли, додека патниците по првата регистрација ќе поминуваат граница многу побрзо – бидејќи сите податоци ќе бидат автоматски зачувани во европската база.