Научниците предупредуваат дека секоја отворена лименка газиран пијалак може да има многу посериозни последици од неколку калории – може да влијае на вашето ментално здравје.
Истражување спроведено во Германија откри дека редовното консумирање на газирани пијалаци го зголемува нивото на цревни бактерии наречени „егертела“ (Eggerthella) – тип што е почест кај луѓето со дијагностицирана депресија. Според студијата, жените се особено ранливи, бидејќи кај нив ефектот бил многу поизразен отколку кај мажите.
Тимот на д-р Шармил Едвин Танараџа од Универзитетската болница во Франкфурт анализирал над 900 испитаници, од кои половината имале големо депресивно растројство. Резултатите покажале дека високата потрошувачка на газирани пијалаци директно се поврзува со присуство на бактерии што влијаат на расположението и серотонинот, хормонот на среќата.
„Овие резултати ја нагласуваат врската меѓу исхраната и депресијата и ја поставуваат цревната флора како клучен фактор во психичкото здравје“, вели Танараџа.
Истражувачите предупредуваат дека шеќерот и вештачките засладувачи во овие пијалаци го нарушуваат балансот на микробиомот во дигестивниот систем, го намалуваат бројот на „добри бактерии“ и ја зголемуваат можноста за воспаленија и нарушено расположение.
Д-р Арун Сваминат од болницата „Ленокс Хил“ во Њујорк вели дека резултатите се вознемирувачки: „Она што е навистина шокантно е дека истите бактерии се поврзани и со физички и со психијатриски нарушувања.“
Иако експертите допрва треба да докажат целосна причинско-последична врска, едно е сигурно – газираното не е само штетно за телото, туку и за умот.
Научниците советуваат да се избегнуваат засладени пијалаци и да се избере наједноставната и најздрава алтернатива – вода.