Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗД) утврди дека 12.000 пензионери биле неправедно и незаконски изоставени од второто линеарно покачување на пензиите од 2.500 денари, иако првото покачување го добија без проблем во 2024 година.
КЗД објави дека овие лица – пензионери кои живеат надвор од Македонија, но работеле тука и со години уплаќале придонеси – се ставени во нееднаква и дискриминаторска положба.Комисијата им дава рок од 180 дена на Министерството за социјална политика, Владата и Собранието да ги изменат спорните членови во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Причината за скандалот?Владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ лани изгласа измена со која во Законот се вметна одредба дека „пензиите се исплаќаат на територијата на Република Северна Македонија“, што автоматски ги исклучи пензионерите иселени во странство. Со тоа, државата „заштедила“ над 560.000 евра, но на грбот на оние што цел живот работеле во Македонија.
Меѓу оштетените има луѓе кои работеле во јавни установи – од градинката „8 Март“ до МНТ – а денес живеат во Словенија, Австрија, Германија, Србија, Турција, Австралија и уште 20-тина други земји.
КЗД предупредува дека дискриминацијата не е само за ова покачување – овие 12.000 пензионери ќе бидат оштетени и во сите идни редовни усогласувања на пензиите, што значи дека неправдата ќе биде трајна ако Законот не се смени.
















