Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против 31-годишна тетовка, вработена во филијала на банка во градот, поради сомнение за сторено кривично дело „затајување“.
Според информациите, случајот се однесува на настан од 3 ноември 2025 година, кога 59-годишен жител на Тетово во службените простории на банката предал 39.000 евра со намера тие да бидат депонирани на неговата сметка. Наместо средствата да бидат уплатени во рокот што му бил посочен, според пријавата, вработената не ги реализирала како депозит, туку противправно ги присвоила.
Неколку дена подоцна, на 18 ноември, оштетениот повторно се појавил во банката за да провери што се случува со неговите средства. По средба со овластено лице од филијалата, истиот ден му бил вратен дел од парите.
За преостанатиот износ, како што е наведено, бил упатен кај управител на правно лице, кој исто така му вратил дел од средствата. Сепак, оштетениот не ги добил назад сите 39.000 евра.
Од полицијата информираат дека против осомничената е поднесена соодветна кривична пријава, а случајот ќе добие понатамошна разрешница во законска постапка.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















