Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денес беше презентирана новата набавка од 29 лесни оклопни возила JLTV, дел од процесот на модернизација на Армијата на Република Северна Македонија. Настанот го проследија премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорката на САД Анџела Агелер, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски.
Премиерот Мицкоски ја истакна важноста на вложувањата во Армијата, како и значењето на коридорите 8 и 10 за логистичката поддршка на јужното крило на НАТО.
„Кога зборуваме за вложување во Армијата зборуваме и за модернизација и конструкција на двата многу важни коридори... кои ќе претставуваат одлична логистика за Јужното крило на НАТО“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека зајакнувањето на Армијата значи и зајакнување на стабилноста, мирот и безбедноста на државата.
Амбасадорката Агелер потсети дека од почетокот на програмата во 2019 година, САД испорачале 67 вакви возила и дека новата пратка од 29 JLTV возила претставува „рбетот“ на лесната пешадиска батаљонска група.
„Овие возила се олицетворение на постојаната поддршка на САД за Северна Македонија и нејзините одбранбени способности“, истакна Агелер.
Министерот за одбрана Мисајловски информираше дека до крајот на годината ќе пристигнат и останатите оклопни возила, при што Армијата ќе располага со вкупно 96 JLTV возила. Возилата се дел од договорот влада со влада со САД.
„Новите возила се предвидени за декларираната лесна пешадиска батаљонска група, подготвена за учество во меѓународни мисии“, додаде Мисајловски.
Дополнително, се работи и на уште седум договори за набавка на нова воена опрема: беспилотни летала, системи за сајбер безбедност, специјализирана опрема и лесно вооружување.



