Во пресрет на велигденските празници и зголемената побарувачка на прехранбени производи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведува засилени контроли кај операторите со храна низ целата држава.
Контролите се фокусирани на сите фази од синџирот на храна – производство, преработка, дистрибуција и продажба – со цел спречување на пласирање на небезбедни производи и сузбивање на нелегалната трговија.
Инспекторите на терен проверуваат дали операторите ги исполнуваат сите општи и посебни услови за безбедност на храната. Особено внимание се посветува на чување, складирање и означување на боите за јајца и увозот на јајца, при што секоја увозна пратка подлежи на физички преглед на местото на истовар.
Засилен надзор се спроведува во маркети, угостителски објекти, специјализирани продавници за јајца, производители и трговци со бои за јајца, месарници и зелените пазари.
АХВ апелира до граѓаните да купуваат храна исклучиво од одобрени и регистрирани оператори, обезбедувајќи сигурен и квалитетен пристап до производите за велигденската трпеза.



















