Необичен инцидент ја одбележа Митровденската Задушница во скопската населба Ѓорче Петров, кога полицијата привела човек облечен во свештеничка мантија кој изведувал верски обреди без дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Слободен печат“ потврдија дека се работи за лицето Б.П., кое било затекнато како „пее“ за покојниците, носејќи кандило и мантија, но без никаква врска со Црквата. „Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Сведоци велат дека човекот се претставувал како свештеник и нудел да изврши обред за одредена сума пари, додека посетителите на гробиштата биле убедени дека станува збор за вистински поп.
Кога на местото пристигнала полицијата, лажниот свештеник бил легитимиран и веднаш приведен, предизвикувајќи збунетост и неверување кај присутните верници.
Инцидентот веднаш предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Еден од очевидците напиша:
„Замислете, одиш на Задушница да запалиш свеќа, а попот што го викна – го апсат! И се испоставува дека не бил поп, туку човек што си нарачал мантија и решил на туѓа жалост да прави пари. Е моја чудесна Македонија.“
Од МВР потврдија дека случајот е во постапка и дека ќе следува кривична пријава за лажно претставување и неовластено вршење верски обреди.
Настанот предизвика лавина коментари меѓу јавноста – дел од граѓаните со иронија го коментираат, а други со загриженост велат дека вакви сцени „не се за верување дури ни на Задушница“.
















