По појавата на бела пена во реката Вардар кај вливот на Лепенец на 24 јули, надлежните институции спроведоа вонредни инспекции и лабораториски анализи за да ја утврдат причината и евентуалното загадување.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека инспектори од Државниот инспекторат за животна средина извршиле контроли кај индустриските капацитети во околината, при што не биле констатирани прекршувања на прописите или отстапувања од условите утврдени во еколошките дозволи.
Во меѓувреме, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје земало мостри од водата на местото каде што се појавила пената. Според прелиминарниот извештај доставен на 29 јули, испитаните физичко-хемиски параметри не ги надминуваат дозволените гранични вредности за испуштање во површински води.
Надлежните посочуваат дека состојбата во овој дел од Вардар зависи од повеќе фактори, меѓу кои комуналните и атмосферските води, како и активностите на бројни стопански субјекти во околината, поради што контролите продолжуваат.
По налог на Државниот инспекторат за животна средина, дополнителни мостри се анализираат и во акредитирана лабораторија. Конечниот извештај се очекува на 4 август, по што резултатите ќе бидат јавно објавени.
Од Инспекторатот најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со редовни и вонредни инспекциски контроли со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.







