Пожарот кој избувна во близина на прилепското село Чаниште продолжува да се шири, а огнената линија во моментов се движи во правец кон селото Крушевица, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, пожарот моментално се наоѓа приближно на половина од растојанието меѓу Чаниште и Крушевица, а долгата огнена линија значително го отежнува неговото целосно ставање под контрола.
„Огнената линија е многу долга. Овде на лице место се обидуваме да го прекинеме овој крак и тоа засега успешно оди, со помош на дувалки и прскалки. Помага и локалното население“, изјави Ангелов.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од Прилеп, доброволниот тим на ДЗС од Виница, како и доброволци од Кочани и Битола. На терен се распоредени околу 30 доброволци и три возила „пинцгауер“ на Дирекцијата.
Ангелов посочи дека главната цел е пожарот да се намали и да се воспостави контрола врз огнената стихија, но предупреди дека поради обемот на пожарот тешко може да се очекува негово брзо целосно гаснење.
„Сите заедно се обидуваме барем да го намалиме пожарот и да воспоставиме каква-таква контрола“, рече Ангелов.
Борбата со пожарот ќе продолжи и утре наутро, кога повторно се очекува да бидат ангажирани „ер трактори“, како и полициски хеликоптер.








