„Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени ПП-апарати од девет килограми… По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме“, рече Драган Апостолов.
„Нашата стандардна процедура и најголем приоритет е спасување човечки животи. Ние не гледавме пламен, моравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим, тие првин извлекуваа зашто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице, моравме да побараме помош од полицијата и од двете лица од обезбедувањето, како и од цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата“, рече пожарникарот Благој Паунов во своето сведочење за трагичниот пожар.
Дојавата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, локалните пожарникари ја примиле на 16 март, во 2:35 часот, а првиот тим на местото бил пет минути подоцна. На местото затекнале многу заглавени лица и малку чад како излегува над влезната врата. Огнот не можеле да го видат, поради што, согласно процедурата, почнале да ги извлекуваат лицата од објектот, работејќи во мешани тимови составени од пожарникари, полицајци, лица од обезбедувањето и цивили. За извлекување на едно лице биле потребни најмалку двајца или тројца.
Истражни тимови вршат увид по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март 2025 година.
Ова на денешното рочиште за пожарот, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, го кажа пожарникарот Благој Паунов, кој со уште еден колега како прво противпожарно возило пристигнале на местото.
Паунов таа вечер бил дежурен. Откако со колегата Дејан Георгиев пристигнале кај „Пулс“, по нив дошло и второто противпожарно возило, сменскиот командир и уште еден колега. Потоа дошле и други пожарникари со уште две возила. Пожарот бил локализиран околу 4 часот наутро.
„По пристигнувањето на местото, бевме упатени од полициски службеници и ни направија место да се паркираме непосредно до дискотеката. Кога излеговме, на самиот паркинг имаше многу луѓе, од кои и доста паднати. Паднати имаше и на скалите, а на влезната врата имаше заглавени повеќе лица што бараа помош“, рече Паунов.
Тоа што од влезната врата на објектот излегувал малку чад и не виделе оган кога пристигнале, пожарникарот го објасни како последица на придушување на огнот, кој не можел да се шири поради немање кислород.
„Нашата стандардна процедура и најголем приоритет е спасување човечки животи. Ние не гледавме пламен, мораше да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим, тие првин извлекуваа зашто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице, моравме да побараме помош од полицијата и од двете лица од обезбедувањето, како и од цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој реагира на свој начин. Некои беа избезумени, во шок и грч, моравме да ги носиме до паркингот. Други, пак, од паника газеа врз нас и врз други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, веќе забележав дека пристигна брзата помош, како и повеќе цивили кои почнаа да ги носат до болница“, изјави сведокот.
По укажувањето дека и во билетарницата има заглавени лица, пожарникарот рече дека се пробил и таму и затекнал над десет лица, кои веќе лежеле и не даваа никакви знаци.
„Излегов и побарав помош. Откако ги извлековме сите, имаше друга врата, помала, во која имаше многу деца заглавени. Кога излеговме, веќе забележав дека пристигнаа сите мои колеги и пуштени беа сите линии и почнаа со гаснење“, рече Паунов.
Потоа, рече, влегол внатре бидејќи му кажале дека има заглавени и кај тоалетот, по што и оттаму почнал да извлекува заглавени лица.
Во еден момент се почувствувал изнемоштен поради што побарал замена и се префрлил на друга позиција за да го гасне пожарот.
„На крајот од интервенцијата мислам дека беа извлечени уште две или три тела, кои беа изгорени“, рече тој.
Пожарникарот рече дека не видел лично на часовник, но пожарот, според разговорот со колегите, бил изгаснат во 4 часот.
На денешното рочиште исказ даде и командирот на противпожарната единица во Кочани, Драган Апостолов. Ноќта на кобниот настан, рече, бил дома кога во 2:47 добил телефонски повик за пожар во „Пулс“, по што ги известил сите командири на смена и побарал помош од противпожарните единици од Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип.
Целата опрема и вработените од Територијалната противпожарна единица Кочани биле ангажирани и излезени на терен со девет возила, од кои пет теренски и навални возила, потоа три џипа со помала носивост на вода, како и едно командно возило „Лада Нива“.
„По пристигнувањето во 2:55 часот, веднаш се упатив во објектот. Од влезната врата само излегуваше чад. Огнот беше распламтен внатре, гореа плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца што бараа помош. Внатре влегов со опрема и боца кислород, таму веќе имаше колеги кои почнале да извлекуваат лица. Некои од колегите истовремено извлекуваа, а другите со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не нè пеплоса огнот сите, додека другите извлекуваа лица“, раскажуваше Апостолов.
Најмногу повредени и починати лица имало пред влезната врата, кој, како што посочи, не бил поголем од три-четири метри. Од ходникот десно била билетарницата, а лево тоалетот.
„Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих, по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница. За надвор, не знам, цело време бев внатре“, рече Апостолов.
Внатре во објектот, рече, било зачадено и многу топло. Посочи дека и со заштитна опрема, иако не се допрел до огнот, добил изгореници и плускавци на рацете и главата.
„Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени ПП-апарати од девет килограми“, рече сведокот.
Интервенцијата завршила околу 4-4:30 часот кога пожарот бил локализиран.
„По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме“, рече командирот на кочанските пожарникари.
Од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.
Гаснењето на пожарот, како што појасни сведокот, било од две страни: внатре преку главната врата и од задната врата.
„Кога ја видов таа врата, мој колега веќе од таму дејствуваше и го гаснеше огнот. Дали била отворена или претходно разбиена, не знам“, изјави Апостолов, посочувајќи дека пред вратата немало ниту повредени ниту изгорени и дека целото случување било пред главната врата.
Пред почетокот на денешното рочиште, Обвинителството се произнесе за предлогот на одбраната на обвинетиот службеник од Министерството за економија, Беким Хаџиу, да му биде укината мерката притвор. Обвинителството предложи на судот, доколку има доволно медицинска документација, што тие како странка ја немаат, да направи замена на мерката со поблага.
Бранителката на Хаџиу, адвокатката Софија Лаличиќ, рече дека нејзиниот клиент е единствениот од Министерството за економија кој сè уште е во притвор, и дека повеќепати била нудена гаранција за укинување на мерката. Последниот пат била понудена гаранција од 1.260.000 евра во недвижности од семејството и пријателите на Хаџиу.
Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот сопственик на т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, пред судот реагираше дека на минатото рочиште било направено директен притисок врз сведок од страна на Обвинителството, што предизвикало небулозни изјави, јавен линч и страв кај сведоците што ќе дојдат во иднина.

















