Вкупно 15 пожари на отворен простор биле регистрирани во Македонија до 18 часот, информира Центарот за управување со кризи. Од нив, шест сè уште се активни, два се ставени под контрола, додека седум се целосно изгаснати.
Активни жаришта има на повеќе локации низ земјава. Во Македонски Брод, кај местото Видуш во близина на селото Драгов Дол, гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Пожари се активни и кај Долна Белица во Струшко, кај Плареник во Општина Центар Жупа, во близина на турските гробишта во Кичево, кај битолското село Букри и кај Житоше во Општина Долнени. На овие локации главно се зафатени ниска вегетација, сува трева, стрништа и нискостеблеста шума.
Под контрола се пожарите на депонијата на излезот од Крива Паланка и кај градската депонија во Делчево.
Во меѓувреме, пожарникарите успеале да изгаснат седум пожари. Станува збор за пожарите кај патот пред РЕК Битола во Општина Новаци, кај Кулата во Велес, меѓу Турново и Секирник во Босилово, кај Лакавица во Штип, покрај „Жито Вардар“ во Градско, кај воениот полигон Криволак во Неготино и кај Арачиново.
Според последниот пресек на ЦУК, надлежните служби продолжуваат да се справуваат со шесте активни пожари.







