Потврдено е – човечки мозоци од Македонија биле испраќани во САД за научно-истражувачки цели. Оваа информација од синоќа стана една од најкоментираните теми меѓу Македонците на социјалните мрежи, предизвикувајќи шок, неверување и бројни прашања.
Во објавени електронски пораки и документи поврзани со случајот на починатиот американски милионер Џефри Епштајн, се појавуваат наводи дека мозоци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во Соединетите Американски Држави за потребите на научни истражувања.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврди дека станува збор за проект кој се реализирал во периодот од 1990-тите до почетокот на 2000-тите години.
Сепак, најчувствителното и најконтроверзно прашање кое ја бранува јавноста е дали за ваквите постапки постоела согласност од семејствата на починатите лица. Според неофицијални информации, самиот доктор Дума изјавил дека не се сеќава дали воопшто биле барани потписи или формални дозволи од семејствата.
Овие наводи дополнително ја разгореа јавната дебата. Социјалните мрежи буквално вријат од реакции, а коментарите се движат од иронични и саркастични, преку вознемирувачки, па сѐ до отворено шпекулативни. Дел од граѓаните бараат институционално разјаснување, додека други изразуваат длабока загриженост за етичките и правните аспекти на ваквите практики.
Темата отвора сериозни прашања за начинот на кој во минатото се спроведувале научни проекти, степенот на транспарентност и заштитата на достоинството на починатите и нивните семејства.

















