ПРВ.мк
Македонија

ПОТВРДЕНИ ЧЕТИРИ СЛУЧАИ НА МОРБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА – ЕДЕН ОД ЗАБОЛЕНИТЕ Е ОД ВЕЛЕС

ПОТВРДЕНИ ЧЕТИРИ СЛУЧАИ НА МОРБИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА – ЕДЕН ОД ЗАБОЛЕНИТЕ Е ОД ВЕЛЕС

Во Македонија се потврдени четири случаи на морбили, од кои три кај македонски државјани од Велес, Штип и Скопје, додека четвртиот случај е кај странски државјанин.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека меѓу тројцата македонски државјани има две бебиња помали од 12 месеци и едно лице постаро од 40 години.

Сите три лица се невакцинирани, при што бебињата сè уште не ја достигнале возраста за редовно примање на првата доза од вакцината против морбили.

Се испитува поврзаноста меѓу случаите

Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје спроведуваат епидемиолошки анализи за да утврдат дали постои поврзаност меѓу регистрираните случаи.

Клековски нагласи дека во моментов нема услови за прогласување епидемија во државата, но предупреди на потребата од зголемена претпазливост поради епидемиолошката состојба во Косово и Бугарија.

Апел за вакцинација и претпазливост

Министерот ги повика граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и дали примиле две дози од вакцината против морбили, особено здравствените работници кои се изложени на поголем ризик.

Тој предупреди дека морбилите се исклучително заразни и дека вирусот може да остане во воздухот до два часа.

Граѓаните кои имаат покачена температура и осип треба прво телефонски да контактираат со лекар, наместо директно да одат во здравствена установа, за да се избегне ширење на инфекцијата во чекалниците.

Клековски потенцираше дека вакцинацијата на лицата во околината е особено важна за заштита на бебињата кои сè уште не можат да ја примат редовната вакцина.