Во изминатата година и половина наставниците во Македонија добиваат значително поголема институционална поддршка и грижа од државата, со конкретни мерки насочени кон подобрување на нивната економска стабилност и професионален статус. Владата и Министерството за образование и наука обезбедиле зголемување на платите од 12 проценти, а тој тренд на раст ќе продолжи и во наредниот период, при што процентот на покачување ќе се усогласува со стапката на инфлација.
Дополнително, со договорот потпишан со СОНК е утврден јасен и долгорочен план за раст на платите. Во следните три години е предвидено годишно зголемување од 7,5 до 10 проценти, додека во четвртата година покачувањето ќе изнесува меѓу 10 и 12 проценти. Со ова, наставниците добиваат предвидливост и сигурност во своите примања, што претставува значаен исчекор во однос на претходните години.
Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието на Македонија, каде што се отвори дебата за економската положба на наставниот кадар во минатото и во сегашноста.
Таа нагласи дека за разлика од порано, кога наставниците биле принудени да излегуваат на штрајкови за да ги остварат своите права, денес таква потреба нема. Според неа, државата покажува реална и континуирана грижа, не само преку растот на платите, туку и преку создавање услови за професионален и кариерен напредок на наставниците.
Јаневска информираше дека во изминатите година и половина се вложени околу 700 илјади евра во развојот на компетенциите на наставниот кадар. Наставниците имаат пристап до специјално подготвен каталог на обуки, насочени кон унапредување на различни вештини, со посебен акцент на примената на вештачката интелигенција во наставата, како и современи методи за подучување на учениците за читање со разбирање.
Министерката посочи дека поддршката за наставниците ќе продолжи и ќе се зголемува, бидејќи тие претставуваат клучна алка во воспитно-образовниот систем. Таа истакна дека наставниците се носители на знаењето и дека без нив не е можно успешно спроведување на ниту еден закон, реформа или стратегија во образованието.
















