Шест мигранти биле откриени во автомобил на автопатот Скопје – Куманово, а возачот бил веднаш лишен од слобода, соопшти Министерство за внатрешни работи.
Инцидентот се случил околу 21:30 часот на бензинска пумпа долж автопатот, кога полициски службеници го привеле О.К. (33) од Турција. Според официјалните информации, тој управувал патничко возило „шкода“ со косовски регистарски ознаки, во кое превезувал шест лица мигранти – тројца од Египет и тројца од Алжир.
Од МВР информираат дека претходно возачот не застанал на даден знак за запирање од страна на полицијата кај наплатната станица „Романовце“. По тоа, биле преземени дополнителни мерки за негово пронаоѓање, по што возилото било лоцирано, а лицето приведено.
По целосно документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Надлежните институции продолжуваат со постапката, додека се утврдуваат сите околности поврзани со превозот на мигрантите и евентуалната организираност на случајот.

















