Репродуктивниот центар за елени во Националниот парк Галичица постигна значителен успех во обновувањето на популацијата на овој вид. Од неговото отворање во 2019 година, кога биле евидентирани само 30 единки, денес популацијата надминува 200 елени.
Од паркот споделија фотографии кои ја прикажуваат посветената работа на ренџерите на терен. Ренџерот Лазе, заедно со помошниците Јане и Кире, секојдневно се грижат за обезбедување свежа храна и вода, како и за редовни контроли на високопланинските пасишта.
„Целта на центарот е да се обезбеди активно управување со природните ресурси и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот,“ нагласуваат од НП Галичица, потенцирајќи дека ваквиот пристап ја одржува рамнотежата на екосистемот.
Безбедноста на елените дополнително се обезбедува со систем за видео-надзор, кој овозможува навремена интервенција и заштита од можни закани.
Од паркот упатија благодарност до јавноста за интересот и поддршката, истакнувајќи дека заедничката грижа е клучна за одржливата иднина на природата и животните на Галичица.

















