ПРВ.мк
Македонија

По пет убиени жени само во една година, Тошковски најавува систем што ќе ги штити жртвите на семејно насилство 24 часа на ден!

По пет убиени жени само во една година, Тошковски најавува систем што ќе ги штити жртвите на семејно насилство 24 часа на ден!
Kristal

По низа трагични случаи и откако само во текот на 2025 година пет жени беа убиени од нивните партнери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски иницираше состанок со претставници на повеќе институции и организации со цел да се зајакне системот за заштита на жртвите од семејно насилство.

На заедничката маса седнаа претставници од Јавното обвинителство, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за правда, како и граѓански организации кои работат во областа на заштитата на жените. Целта на состанокот беше подобра координација меѓу институциите и изнаоѓање решенија за воспоставување систем што ќе обезбеди заштита на жртвите 24 часа на ден.

Оваа иницијатива доаѓа по трагедијата во скопската населба Тафталиџе, каде жена се фрли од балкон заедно со своето дете, случај кој ја потресе јавноста. Според информациите, таа претходно неколку пати пријавувала семејно насилство во полиција, но подоцна ја повлекувала изјавата. Министерот Тошковски посочи дека токму ова е еден од најголемите проблеми – жртвите често се откажуваат од пријавата поради притисок или страв од насилникот.

Пред да се случи трагедијата, жената повторно пријавила дека била нападната од сопругот, но подоцна пред полицијата изјавила дека немало физички контакт. Иако веќе е на сила новиот Кривичен законик кој овозможува полицијата да постапува по службена должност и кога жртвата ја повлекува пријавата, сепак во овој случај не било проценето дека станува збор за сериозно насилство.

Министерот нагласи дека секој полициски службеник мора да постапува со максимална одговорност кога станува збор за случаи на семејно насилство. Тој истакна дека жртвите често се под силен притисок од насилниците и може да ја сменат или повлечат својата изјава, но тоа не смее да значи дека постапката треба да запре.

Според него, полицајците мора да направат детална проценка на ризик, да ги вклучат инспекторите кои се специјално обучени за случаи на семејно насилство и да постапуваат согласно утврдените процедури. Една од клучните цели е да се овозможи и судска реакција во секое време, односно систем што ќе функционира 24 часа на ден.

Министерот нагласи дека постојат многу чекори кои може да се подобрат за да се обезбеди поголема заштита на жените и децата кои се жртви на семејно насилство и дека институциите мора да работат заедно за да се спречат нови трагедии.

На конференцијата се обрати и вршителката на должност републичка јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска. Таа посочи дека чест проблем е што жртвите ги повлекуваат пријавите, но и дека институциите често немаат доволно информации од центрите за социјална работа или пак насилството не се препознава навреме на терен.

Тополова-Исајловска изнесе и податоци според кои од почетокот на 2024 година до Обвинителството биле доставени 1.715 постапки поврзани со семејно насилство, од кои 798 случаи подоцна биле повлечени. Таа нагласи дека најголемиот дел од предметите се однесуваат на кривичното дело телесна повреда.

Според неа, кога жртвата молчи од страв, институциите мора да знаат да ја препознаат ситуацијата и да реагираат. Таа потенцираше дека системот мора да биде доволно силен за да ја заштити жртвата дури и тогаш кога таа се повлекува поради притисок или зависност од насилникот.

На настанот присуствуваа и повеќе организации кои работат на заштита на жените, а дискусијата беше насочена кон подобрување на институционалната координација и создавање механизми кои ќе овозможат побрза и поефикасна реакција во случаи на семејно насилство.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo