По пауза од цели 26 години, во Македонија повторно ќе се отвори средно полициско училиште. Наставата ќе започне од септември 2026 година, а во првата генерација се очекува да бидат примени околу 200 ученици.
Станува збор за новото Државно средно полициско училиште – Полициска академија, а јавниот повик за запишување за учебната 2026/2027 година се очекува да биде објавен околу 1 јули.
Училиштето ќе биде двегодишно, односно ќе опфаќа трета и четврта година од средното образование. Право на запишување ќе имаат ученици на возраст од 15 до 16 години, кои веќе ги завршиле првите две години во кое било четиригодишно средно училиште во државата.
Наставата ќе се одвива во рамки на Центарот за обука на МВР во Идризово, каде што учениците ќе престојуваат во ученички дом (интернат). Таму ќе изучуваат комбинација од стручни предмети и општообразовна настава, со цел да стекнат и теоретско знаење и практични полициски вештини.
Во минатото, на истата локација се школувале 24 генерации полицајци во четиригодишното полициско училиште кое функционирало од 1972 до 2000 година.
За прием во новото училиште кандидатите ќе треба да исполнат неколку услови: да се државјани на Македонија, да се помлади од 18 години, да го користат активно македонскиот јазик и да поседуваат здравствена и психофизичка способност.
Од МВР најавуваат дека наскоро ќе започнат и информативни посети во средните училишта, со цел учениците кои ја завршуваат втора година навреме да се информираат за можностите за упис.


















