Пет собраниски комисии денеска ќе одржат седници на кои ќе бидат разгледани повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои измени поврзани со рестриктивните мерки, здравството, градењето, комуналните дејности и патниот транспорт.
Ќе заседаваат Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за здравство, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.
Пред Комисијата за надворешна политика е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Измените треба да адресираат недостатоци нотирани во извештајот на MONEYVAL од 2023 година и да овозможат дополнително усогласување со препораките на ФАТФ во областа на спречувањето перење пари и финансирањето тероризам.
Комисијата за политички систем ќе ги разгледува измените на Законот за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Предложените решенија се однесуваат на постапката и условите за именување, како и престанокот и разрешувањето на функцијата владин агент, со цел усогласување со Законот за високи раководители.
Пред Комисијата за здравство ќе се најдат измените на Законот за санитарната и здравствената инспекција. Со нив, меѓу другото, се предлага мандатот на директорот да трае пет години, а постапката и условите за именување и разрешување да бидат усогласени со Законот за високи раководители.
Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе расправа за измени во законите за комунални дејности и градење, како и за измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај.
Истите предлог-закони ќе бидат разгледувани и од Законодавно-правната комисија, а сите се предложени за донесување по скратена постапка.






