До септемвриското усогласување на пензиите остануваат уште неколку недели, но повеќе од 350.000 пензионери во Македонија сè уште немаат официјална информација колкаво ќе биде зголемувањето.
Од 1 септември повторно ќе се применува редовното процентуално усогласување согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски потврди дека нема промени во членот 37, што значи дека висината на покачувањето ќе се утврдува според веќе утврдената формула.
Пресметката се прави врз основа на два показатели – 50 проценти од растот на трошоците за живот и 50 проценти од растот на просечната плата. За септемвриското усогласување се споредуваат податоците од првото полугодие на 2026 година со второто полугодие од 2025 година.
Сепак, конечниот процент сè уште не може да биде пресметан. Причината е што Државниот завод за статистика засега има објавено податоци за просечната плата само до мај 2026 година.
Податокот за јуни е неопходен за да се комплетира статистиката за целото прво полугодие. Дури по неговото објавување ќе може прецизно да се утврди колку ќе пораснат пензиите од септември.






