ПРВ.мк
Македонија

ПИОM: Пензионерите со право и на плата и на пензија

ПИОM: Пензионерите со право и на плата и на пензија

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, предложи да се овозможи пензионерите кои се во добра здравствена состојба повторно да се вклучат на пазарот на трудот, при што би ја задржале пензијата и истовремено би примале плата.

Говорејќи на тркалезна маса посветена на недостигот од работна сила, Мемов истакна дека Фондот не носи политики, но врз основа на своето искуство предлага решенија кои би можеле да придонесат за надминување на проблемот со недостигот на работници.

Според него, пензионерите претставуваат значаен потенцијал, особено во приватниот сектор, бидејќи располагаат со долгогодишно искуство и знаење што може да биде од голема корист за работодавачите.

„Пензионерите кои сакаат да работат и се здравствено способни треба да добијат таква можност. На тој начин ќе им се помогне на компаниите да ги пополнат слободните работни места, државата ќе добива дополнителни приходи од придонеси и даноци, а самите пензионери ќе имаат дополнителен приход покрај пензијата“, истакна Мемов.

На настанот се обрати и професорот Лазар Јовевски, кој оцени дека недостигот од работна сила е сериозен предизвик за државата. Тој посочи дека постојат две можни решенија – увоз на работна сила или подобро искористување на домашните ресурси преку промени во законската рамка, со кои би се овозможиле нови модели на вработување.

Тркалезната маса беше организирана од Комората на Северна Македонија за приватно обезбедување, со цел да се разгледаат можните решенија за надминување на недостигот од работници во секторот.