ПРВ.мк
Македонија

Падна уште еден поранешен функционер – еве за што е осомничен!

Падна уште еден поранешен функционер – еве за што е осомничен!

Поранешен директор на ЈП „Национални шуми“ се соочува со кривична пријава поради сомнежи дека ја злоупотребил службената положба и овластувањата додека бил на функцијата, со што на јавното претпријатие му била нанесена значителна финансиска штета.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Делчево до Основното јавно обвинителство во Делчево поднела кривична пријава против В.Г. (52) од Битола, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според информациите од истрагата, пријавениот во периодот од 13 февруари 2023 година до 7 мај 2024 година склучил и потпишал вкупно осум договори за купопродажба на опожарена дрвна маса со шест правни субјекти.

Сомнежите се дека при подготовката и потпишувањето на договорите бил користен ценовник кој во тој момент веќе не бил во важност. Наместо актуелниот ценовник, во договорите биле применети цени од документ донесен на 5 декември 2014 година, во кој биле предвидени значително пониски износи во споредба со важечкиот ценовник од 21 јули 2022 година.

Во сите осум договори биле внесени токму тие пониски цени, а договорите потоа биле целосно реализирани. Според наводите во пријавата, со таквото постапување им било овозможено на шест правни лица да остварат имотна корист во вкупен износ од 2.053.838 денари.

Воедно, за истиот износ била предизвикана и штета на ЈП „Национални шуми“, поради што против поранешниот директор е поднесена кривична пријава и случајот ќе биде предмет на понатамошна постапка пред надлежните институции.

Најнови вести