Државното јавно обвинителство официјално потврди дека српските власти го отвориле сефот на бизнисменот Борче Марковски, осомничен за злоупотреби поврзани со РЕК „Битола“. Иако не се открива што точно било пронајдено, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека „сефот не е празен“ и дека постојат неофицијални информации за содржината кои дополнително ќе се обработат преку меѓународна правна помош.
Коцевски во интервју за „360 степени“ истакна дека доказите пронајдени во сефот ќе бидат донесени во Македонија и дека околу Нова година Обвинителството ќе излезе со официјална одлука. Тој не откри дали во сефот имало пари, но потврди дека содржината е релевантна за истрагата.
Истрагата против Марковски и неговата „Марковски компани“ беше отворена на 9 октомври. Осомничените – Марковски и уште седум други лица – се товарат за злоупотреби поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Според Обвинителството, опремата што требало да биде префрлена воопшто не била предвидена во рударскиот проект, што отвора сомнежи за нелегално извлекување пари.
Покрај отворањето на сефот, Србија по барање на ОЈО Битола замрзна и имот во Белград – десет нови товарни и приклучни возила набавени годинава, за кои е утврдено дека имаат сопственичка врска со Марковски. Надлежните органи забранија нивна продажба или какво било располагање, поради сомневање дека средствата за набавка потекнуваат од кривични дела.
Меѓу осомничените има вработени од „Марковски компани“, како и поранешни раководители од РЕК „Битола“, вклучително и поранешниот директор Пеце Матевски – веќе обвинет во предметот „Адитив“. Овој случај отвора нова серија прашања за злоупотреби во енергетскиот сектор и за тоа како се одвивале милионските јавни набавки во РЕК „Битола“.
Обвинителството најавува дека нови детали ќе следуваат веднаш штом доказите од Србија бидат официјално префрлени во земјава.
















