Случајот „Геријатрија“ денес продолжи во Основниот кривичен суд во Скопје, каде што на предлог на одбраната сведочеше архиварка која привремено ја заменувала секретарката на директорот. Таа потврди дека во установата дошла жена што се претставила како Небије Заимовска – без термин, без најавување – но директорот сепак ја примил, објави 4NEWS.mk.
На прашање на обвинителството дали ваквите посети биле исклучок или пракса, сведокот изјави дека ненајавени средби постоеле и зависеле од распоредот и проценката на директорот:
„Ако беше слободен, примаше. Ако не беше, ги одбиваше. Особено кога посетителите бараа нешто што не беше поврзано со нашата установа“, изјави таа.
По неа сведочеше и лице кое по молба од поранешен колега од КПУ „Идризово“ се обидело преку „Messenger“ да посредува за прием на пациентка во тешка состојба. Одговор добил дека средбата се одржала и дека имале „многу убав разговор“, по што немал никаков понатамошен контакт со нив.
Според обвинението, директорот на Геријатриската установа, Мухсин Арифи, побарал 20.000 евра за прием на пациентка, додека посредникот Блерим Амити ја примил сумата и бил уапсен. И двајцата обвинети одбија вина.
Судијката Ленка Давиткова го води процесот, а обвинител е Искра Хаџи Василева. Следното рочиште е закажано за 5 декември.
















