Полицијата во Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднесе кривична пријава до Обвинителството во Битола против четири лица – В.П. (40) од селото Стење, ресенско, Г.М. (54) со престој во Скопје, едно засега непознато лице и В.М. (51) од Охрид.
Тројца од осомничените се товарат за измама, додека четвртото лице се сомничи за помагање во извршување на измамите. Станува збор за добро познатата шема на таканаречениот „телефонски трик“, во кој жртвите се доведуваат во состојба на страв и паника преку лажни информации за сообраќајни несреќи и наводно тешко повредени блиски роднини.
На 5 февруари 2026 година, на улицата „Маврово“ во Битола, мета на измамниците била 72-годишна жена. Таа била контактирана и убедена дека нејзината снаа доживеала тешка сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари и злато за операција. Под силен притисок и во страв за животот на блиската личност, жената му предала златен накит на првоосомничениот, кој подоцна го предал на второосомничениот. Причинената штета во овој случај изнесува околу 40.000 денари.
Само еден ден подоцна, на 6 февруари, кај Саат кулата во Битола, истата измамничка шема била применета врз 76-годишна жена и нејзиниот сопруг. И тие биле доведени во заблуда со приказна за тешко повреден роднина, по што им биле одземени околу 430.000 денари.
Според истрагата, во периодот од ноември 2025 до 21 февруари 2026 година, второосомничениот и четвртоосомничената ги транспортирале средствата стекнати од измамите во Бугарија, односно во Софија, каде што ги предавале на третото лице кое засега не е идентификувано. Дел од парите задржувале за себе, а остатокот го предавале понатаму, што укажува на организирана и координирана мрежа.
Истражните органи утврдиле дека со вакви измами извршени во повеќе градови низ државата, групата успеала да прибави противправна имотна корист во вкупен износ од околу 3.700.000 денари. Станува збор за значителна сума, стекната преку манипулација со најранливите категории граѓани – постари лица кои биле ставени во состојба на шок и страв.
Судија на претходна постапка при Основниот суд во Битола му одредил осумдневен притвор на Г.М., додека првоосомничениот веќе се наоѓа во притвор. Истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите инволвирани лица.

















