Основното јавно обвинителство Куманово започна истражна постапка против 84-годишник поради обид за убиство, согласно член 123 став 2 точка 4 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
На 4 декември, во хотел во Куманово, осомничениот со умисла и од ниски побуди се обидел да ја лиши од живот една жена. Тој утрото искористил момент кога друг гостин ја отворил вратата на хотелот и влегол во објектот, насочувајќи се кон собата каде што биле оштетената и нејзиниот неподвижен сопруг.
Кога жената го забележала, се обидела да го спречи да влезе во собата, но осомничениот извлекол нож и ја удрил во пределот на главата. Во моментот кога му паднал ножот, оштетената успеала да се тргне и почнала да вика за помош. Од другата соба, нејзиниот син реагирал и го спречил осомничениот.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Куманово му одреди мерка притвор на осомничениот додека трае истражната постапка.
















