ПРВ.мк
Македонија

Нема повеќе хартиени потврди за царински долг – Централен регистар ги добива со еден клик!

Нема повеќе хартиени потврди за царински долг – Централен регистар ги добива со еден клик!
Kristal

Хартиените потврди за царински долг, кои беа потребни за упис и промени на правни субјекти во Централниот регистар, стануваат минато. Од сега, Централниот регистар директно и електронски добива податоци од Царинската управа во реално време, што значително ја поедноставува процедурата и штеди време и ресурси за фирмите и граѓаните. Исто така, овој систем ја гарантира безбедноста, интегритетот и точноста на податоците, со што се намалува ризикот од можни измами. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на заедничка прес-конференција со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, при промоцијата на новата услуга.

До сега, на годишно ниво се издаваа просечно од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг, што значеше обработка од пет до десет дена за секое барање. Граѓаните мораа лично да доаѓаат во Централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати за да ги завршат овие процедури, што претставуваше дополнителен административен товар.

„Со овој чекор јасно покажуваме заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни да покажеме напори за создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемена ефикасност и доверба во системот“, истакна Николовски.

Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, додаде дека е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем, со што доказите за платени царински давачки се добиваат автоматски по службена должност при упис на промени, како пренос на удел.

„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците, користејќи модерни дигитални технологии за поедноставни и поефикасни услуги. Продолжуваме да развиваме електронски услуги и ги охрабруваме сите чинители во јавниот сектор да соработуваат за создавање функционален систем на јавни услуги и враќање на довербата во институциите“, истакна Стамнова.

FixCredit
Escape