ПРВ.мк
Македонија

Ново зголемување на пензиите: Следната недела ќе биде познат точниот процент

Ново зголемување на пензиите: Следната недела ќе биде познат точниот процент

Точниот процент за новото зголемување на пензиите треба да биде познат следната недела, а според досегашните параметри се очекува раст од околу три до 3,5 проценти.

Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, кој посочи дека конечната пресметка ќе може да се направи по завршувањето на август.

„Следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, изјави Велковски во гостување на телевизија Сител.

За разлика од претходните две години, овојпат нема да има линеарно зголемување со ист паричен износ за сите пензионери. Усогласувањето ќе биде процентуално и ќе се пресметува согласно актуелните законски одредби.

Тоа значи дека конкретното зголемување во денари ќе зависи од висината на пензијата што ја прима секој пензионер.

Велковски остави отворена можност за дополнителни интервенции во иднина, но нагласи дека таквите одлуки ќе зависат од движењето на економските и другите релевантни параметри во државата. Следното редовно законско усогласување е предвидено за март 2027 година.

И премиерот Христијан Мицкоски претходно потврди дека пензиите ќе продолжат да растат, но согласно законскиот модел на усогласување.

Конечниот процент, според најавите, ќе биде соопштен на почетокот на септември, а повисоките септемвриски пензии пензионерите треба да ги добијат со исплатата на 1 октомври.