Објавени се првите снимки од местото на тешката сообраќајна несреќа во Словенија во која животот го загубија тројца македонски државјани – две деца на возраст од четири и 11 години и нивната 74-годишна баба.
Загинатите се по потекло од селото Житинени во Општина Центар Жупа, додека семејството живеело во Равена, Италија.
Во автомобилот во моментот на несреќата патувале пет членови на семејството – двете деца, нивните родители и бабата.
Според досега објавените информации, автомобилот удрил во задниот дел од приколка на камион кој поради дефект бил запрен во просторот за принудно запирање на автопатот А1 во близина на Унец.
Трите жртви починале на местото на несреќата. Мајката, на возраст од 33 години, со тешки повреди била пренесена со хеликоптер во болница, додека 39-годишниот татко бил пренесен со возило на Итната медицинска помош.
Возачот на камионот во моментот на судирот не бил во кабината и не бил повреден.
Трагедијата силно ја потресе Општина Центар Жупа, а надлежните во Словенија продолжуваат да ги утврдуваат точните причини и околности што довеле до несреќата.








