ПРВ.мк
Македонија

Ново сведоштво ја тресе јавноста: „Јас можев да бидам на местото на Росица“ – Девојка која пред 12 години го пријавила Илија во полиција ја открива неговата морничава страна

Ново сведоштво ја тресе јавноста: „Јас можев да бидам на местото на Росица“ – Девојка која пред 12 години го пријавила Илија во полиција ја открива неговата морничава страна

Трагедијата во Велес со убиството на Росица и нејзиниот татко од рацете на Илија Стефановски ја потресе цела Македонија. Но сега на површина излегуваат нови детали што ја откриваат вистинската природа на човекот кој со години се претставувал како „урбан лик“, а зад маската се криел насилник и прогонител.

„Слободен печат“ дојде до потресно сведоштво на жена која била во врска со Стефановски уште во 2013 и 2014 година. Таа, од страв за својот живот, повеќепати го пријавувала во полиција – сведочејќи за неговите закани, малтретирања и болна опсесивност.

„Кога решив да ставам крај на врската, започна мојата голгота. Ми го одзеде телефонот, праќаше мејлови во мое име за да ми го уништи професионалниот развој. Дури се закануваше дека ќе ја убие сестра ми“, открива девојката.

Нејзините пријави тогаш не довеле до сериозни последици за него. Но малтретирањето продолжило – телефонски повици без престан, појавување пред местата каде што се движела, демнење, дури и графити низ Скопје со навреди кон неа и нејзините блиски.

Кулминација на хоророт дошла кога една јануарска вечер во 2014 година таа завршила во болница со дупната глава, откако била нападната од непознат сторител. Иако не можела да го докаже, прстот тогаш повторно бил вперен кон Илија. „Од денешна перспектива, сè добива друга смисла. Можеби навистина беше тој“, вели таа.

Оваа девојка не е единствената жртва. Од Хелсиншкиот комитет потврдуваат дека најмалку четири жени од 2013 до 2019 година го пријавувале Стефановски за закани, следење и малтретирање. Но институциите речиси ништо не направиле.

Адвокатката Катерина Котеска-Стисниоска предупредува дека условните осуди за семејно насилство се „тотално промашување“. Таа открива дека полицијата многу често пријавите ги заведува како „поплаки“ за да не се вклучува Обвинителството, што го охрабрува насилникот наместо да го запре.

Девојката од сведоштвото признава дека веќе тогаш имала чувство дека е прашање на време кога ќе се случи нешто трагично. „По 13 години, за жал, моите најлоши стравови се остварија – иако овој пат жртва беше Росица. Јас можев да бидам на нејзиното место“, раскажува таа со кршлив глас.

Случајот ја отвори најболното прашање – зошто институциите ги игнорирале пријавите со години и дозволиле насилникот да стигне до убиство? Министерот за внатрешни работи вината ја префрли на Обвинителството и Судот, додека тие ја префрлија повторно кон полицијата. Јавноста бара одговорност и системски промени.

Росица, пак, уште од пролетта оваа година неколкупати го пријавувала Илија – за вознемирување, закани, па дури и за запалување на семејниот автомобил. И покрај сè, тој останал на слобода. Финалето се случи на 15 септември, кога Стефановски со нож го уби татко ѝ на Росица, потоа и неа, а на крајот си го одзеде и сопствениот живот.

Ова ново сведоштво уште еднаш покажува дека трагедијата можела да се спречи – доколку системот реагирал навреме.

Escape