Владата најавува дека струјата за домаќинствата и во 2026 година ќе остане субвенционирана, но постои можност за мало поскапување од јануари, по новиот тендер за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар. Ова повторно отвора прашања за тоа колку домашните буџети ќе можат да издржат доколку цената се доближи до пазарната.
Колку побарал државниот производител ЕСМ на годишниот тендер ќе се знае дури по завршувањето на целата постапка. Владата одлучила да не ја открива понудената цена, но гарантира дека моделот на субвенционирање ќе остане. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека државата ќе интервенира за да не се наруши стандардот на домаќинствата на регулираниот пазар.
Во моментов пазарната цена на електричната енергија се движи околу 100 евра за мегават-час, додека ЕСМ ја продава струјата за домаќинствата по 62 евра за мегават-час. Разликата досега се покриваше преку буџетски субвенции. Новиот годишен тендер, првпат распишан за целата календарска година, ќе покаже дали државниот производител може да понуди цена што ќе остане во рамките на сегашното субвенционирање или ќе има притисок за корекција на крајната тарифа.
Според информациите, денес ЕСМ треба да ја достави својата понуда на тендерот на ЕВН Хоум за потребите на домаќинствата во 2026 година. Повикот важи за целата наредна година, со можност за корекции доколку пазарните услови тоа го наложат. Истовремено, Регулаторната комисија за енергетика до крајот на месецот треба да ги утврди новите цени за пренос и дистрибуција, но засега не се очекуваат значителни промени во мрежните трошоци.















