Солунскиот жалбен совет одлучи да не го екстрадира 60-годишниот Ацо Боцевски, познат како „Циганот“, кој пред 28 години беше осуден за убиство во Македонија. По извршеното дело, тој побегнал во Грција, а сега води бизнис со издавање соби во Пиерија.
Боцевски беше уапсен во мај во Катерини по европска потерница, а македонските власти бараа екстрадиција за да ја отслужи 15-годишната затворска казна за убиството на 37-годишниот Сеат Ибраими во ноември 1997 година. Инцидентот се случил среде бел ден во центарот на Скопје, по кратка автомобилска брканица, кога Боцевски го застрелал Ибраими во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“.
Боцевски тврди дека во тоа време служел во личната гарда на тогашниот претседател Киро Глигоров и дека нападот бил мотивиран од политички причини. Според неговите изјави, бил затворен 90 дена, по што побегнал и се населил трајно во Грција.
Судиите оцениле дека казната е застарена според грчкото кривично право, па барањето за екстрадиција било отфрлено.















