Судењето на 13-те полицајци обвинети во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно беше одложено, откако дел од повиканите сведоци не се појавија пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Од Судот беше посочено дека дел од поканите биле вратени како неправилно доставени или со ознака „небарани“, додека за други сведоци немало доказ дека воопшто го примиле повикот.
Обвинителката Спасенка Андонова информираше дека еден од сведоците телефонски потврдил дека ја добил поканата, но рекол дека ќе присуствува доколку успее да обезбеди превоз до Скопје.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска најави дека за следното рочиште поканите ќе бидат доставувани преку полициската станица. Доколку повиканите сведоци повторно не се појават, Судот најави примена на законските механизми за обезбедување на нивното присуство.
Следното рочиште е закажано за 21 септември.
По одложувањето реагираше Драги Стојанов, таткото на Панче Стојанов, кој побара Судот да ги искористи сите расположливи механизми за сведоците да се појават и да дадат исказ.
„Губиме време, нерви и имаме многу стрес кога доаѓаме тука“, рече Стојанов, повикувајќи сведоците да ја кажат вистината и да не подлегнуваат на евентуални закани или притисоци.
Тој изнесе и тврдења дека дел од семејствата се соочуваат со најави за кривични пријави од адвокати поради нивните јавни изјави.
Постапката се води против 13 полицајци обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во трагедијата на 16 март загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.






