Ново истражување спроведено од Мисијата на ОБСЕ во Скопје открива дека значителен дел од младите жени и девојки во Македонија се чувствуваат небезбедно додека се движат на јавни места. Истражувањето, кое опфати 600 млади жени на возраст од 18 до 29 години од сите региони на земјата, покажува дека перцепцијата на небезбедност е поврзана со родот, социоекономските фактори, образованието и местото на живеење.
На презентацијата на истражувањето, амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потенцираше дека насилството не смее да се игнорира: „Кога настанува насилство, молчењето не е опција. Сите имаме одговорност да реагираме и пријавиме. Пријавите за насилство мора да бидат приоритет, а институциите се обврзани да делуваат со должно внимание”.
Истражувањето исто така открива дека стапката на пријавување на случаи на насилство е ниска, а довербата во институциите која треба да им обезбеди заштита на жртвите е ограничена. За да се надмине оваа состојба, експертите предлагаат подобра координација меѓу надлежните институции, поедноставен пристап до поддршка и систематско следење на пријавите.
Министерот за социјална политика, демографија и млади ја нагласи важноста од координирана социјална поддршка: „Мора да изградиме систем кој реагира рано, на хуман и координиран начин, за ниту една жена да не биде сама. Подготвуваме нова Стратегија за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство 2026–2033, заедно со Акциски план за 2025–2029. Овие стратешки документи ќе водат навремена и ефективна заштита за секоја жена”.
Истражувањето, надополнето со фокус-групи составени од граѓанското општество и експерти, нуди детални сознанија за дигиталното и офлајн насилство, шемите на пријавување и ризиците кои младите жени ги чувствуваат на јавни места.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје најави дека преку Националната работна група за превенција на насилство помеѓу младите ќе продолжи да ги интегрира препораките од истражувањето во развој на политики и практични мерки, со цел обезбедување долготрајна и мерлива заштита на младите жени во земјата.
















