ПРВ.мк
Македонија

НОВИ ПРАВИЛА ЗА GIVEAWAY ИГРИТЕ: Од 14 јули организаторите ќе мора да исполнат строги услови – еве што се менува!

НОВИ ПРАВИЛА ЗА GIVEAWAY ИГРИТЕ: Од 14 јули организаторите ќе мора да исполнат строги услови – еве што се менува!

Големи промени доаѓаат за сите кои организираат наградни игри преку интернет. Од 14 јули започнува примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат официјално се воведува регулирање на популарните giveaway активности на социјалните мрежи и интернет платформите.

Со новите законски правила, организаторите повеќе нема да можат едноставно да започнат наградна игра без претходно исполнување на одредени обврски. За секој giveaway ќе биде потребно да се обезбеди дозвола за приредување, а правилата на играта и конечните резултати ќе мора да бидат јавно достапни за учесниците.

Од Министерството за финансии објаснуваат дека целта на измените е да се воспостави поголема транспарентност, јасни правила за организаторите и дополнителна правна сигурност за сите кои учествуваат во вакви наградни активности.

„Согласно новото законско решение, за приредување giveaway задолжително ќе се издава дозвола, која се добива по поднесување барање до Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред денот определен за започнување на играта“, информираат од Министерството.

За да добијат дозвола, организаторите ќе треба да достават повеќе документи, меѓу кои официјални правила за наградната игра, доказ за потеклото на наградите, документација за регистрација, податоци поврзани со економско-финансиската состојба, како и доказ дека е платен предвидениот надоместок.

Една од новините е и обврската за плаќање надоместок за организирање на играта, кој ќе изнесува 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Овој износ ќе треба да биде уплатен пред започнувањето на giveaway-от, односно најдоцна во рок од три дена по добивањето на дозволата.

Покрај тоа, правилата на играта ќе мора однапред да бидат објавени јавно, пред почетокот на наградната акција. Организаторите ќе имаат обврска и да ги објават резултатите и имињата на добитниците најдоцна три дена по извлекувањето или по завршувањето на постапката за избор на наградени лица.

Според Министерството за финансии, правилата задолжително ќе треба да содржат детални информации за организаторот, производите или услугите кои се промовираат, условите за учество, периодот на траење на играта, начинот на избор на добитниците, вредноста на наградите, начинот на нивно доделување, како и можноста за поднесување приговор.

Со новите измени е утврдено и што точно се смета за giveaway. Станува збор за наградни игри каде учеството се остварува преку активности како лајкување, означување други корисници, споделување или креирање содржини, а целта е промоција на одредени производи или услуги преку интернет, мобилни уреди или други дигитални платформи.

Од Министерството нагласуваат дека со новата регулатива се создава единствен систем за регулирање на овие активности, со што треба да се обезбеди поголема контрола, фер услови за учесниците и поголема одговорност кај организаторите на наградните игри.

Најнови вести