ПРВ.мк
Македонија

НОВИ 104 ОНЛАЈН КАЗИНА СЕ СТАВААТ НА БЛОКАДА: Вкупно 462 веб-страници на црната листа, еве што треба да знаат граѓаните!

НОВИ 104 ОНЛАЈН КАЗИНА СЕ СТАВААТ НА БЛОКАДА: Вкупно 462 веб-страници на црната листа, еве што треба да знаат граѓаните!

Борбата против нелегалните онлајн казина и обложувалници во Македонија продолжува со нова мерка. Министерството за дигитална трансформација доставило нов налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со кој се бара блокирање на уште 104 интернет-страници преку кои се нудат игри на среќа без соодветно законско одобрение.

Со најновиот налог, вкупниот број веб-страници опфатени со досегашните барања за блокирање достигна 462.

Од Министерството за дигитална трансформација информираат дека главната цел на овие активности е да се оневозможи пристапот до нелегалните платформи и да се намалат потенцијалните опасности за граѓаните кои ги користат.

Особено внимание се посветува на можноста за злоупотреба на личните и банкарските податоци, кои корисниците ги оставаат на ваквите интернет-страници. Дополнително, од Министерството посочуваат дека една од важните причини за преземањето мерки е заштитата на малолетниците од изложеност на онлајн коцкање.

Агенцијата за електронски комуникации има рок од пет дена налогот да им го достави на операторите на електронски комуникациски мрежи. По добивањето на барањето, операторите треба да го ограничат пристапот до наведените веб-страници и да ги известат корисниците зошто тие повеќе не се достапни.

Од Министерството воедно упатуваат апел до граѓаните да бидат внимателни при користењето интернет-платформи и да не внесуваат лични или финансиски информации на непроверени веб-страници.

Посебен апел е упатен и до родителите, кои се повикуваат да обрнат поголемо внимание на интернет-активностите на своите деца, со цел да се спречи нивна изложеност на нелегално онлајн коцкање.