Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објави известување кое директно ги засега инфлуенсерите, влогерите, јутјуберите и сите креатори на дигитална содржина со поголемо онлајн влијание. Според важечките измени на медиумската регулатива, овие лица повеќе не се надвор од системот и имаат законска обврска да се регистрираат.
Со измените на законите усвоени во јули 2023 година, за првпат формално се признава улогата и влијанието на онлајн креаторите како даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Тоа значи дека нивната активност повеќе не се смета за неформална, туку е ставена под јасна регулаторна рамка.
Обврската за регистрација важи за оние што објавуваат содржини на платформи како Јутјуб, Инстаграм, ТикТок и слични, доколку исполнуваат неколку услови. Меѓу нив се најмалку 10.000 следбеници или претплатници, остварување финансиски приход од активноста, како и минимум 24 објавени аудиовизуелни содржини во последната година. Дополнително, содржината треба да биде наменета за информирање, едукација или забава, при што авторот има целосна уредничка одговорност.
Критериумите и постапката се детално уредени со посебен правилник на АВМУ, кој ја дефинира формата на пријавување и потребната документација. Од Агенцијата нагласуваат дека станува збор за законска обврска и ги повикуваат сите што ги исполнуваат условите да се евидентираат во најкраток рок.
Документите и насоките се достапни на официјалната веб-страница на АВМУ, а креаторите можат да добијат дополнителни информации и преку специјалната контакт-адреса наменета за оваа категорија.

















