ПРВ.мк
Македонија

Нова надеж за возачите: Современ автопат од Скопје до Охрид, но што ќе биде со патарините?

Нова надеж за возачите: Современ автопат од Скопје до Охрид, но што ќе биде со патарините?

Патувањето од Скопје до Охрид во иднина би можело да трае помалку од час и половина, по целосното завршување на автопатските делници на Коридорот 8.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, најави современ автопат со непрекинато движење и без застанувања на наплатни станици.

На 12 октомври започна изградбата на делницата Кичево – Букојчани, долга 11,5 километри, која треба да ги поврзе автопатот Кичево – Охрид и идната траса преку Гостивар.

Со завршувањето на проектите, Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево и Охрид треба да добијат непрекината автопатска врска.

Според најавените рокови, автопатот Кичево – Охрид треба да биде завршен во првиот квартал од 2027 година, додека за делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани е најавена 2029 година.

Но, најавата за патување без патарини отвора важно прашање.

На постојната траса меѓу Скопје, Тетово и Гостивар веќе функционираат наплатните станици Глумово, Желино, Тетово и Гостивар.

Според официјалниот ценовник, за патнички автомобил наплатата на овие четири станици изнесува вкупно 140 денари во еден правец.

Засега нема јасно образложение дали најавата подразбира укинување на постојните патарини или само дека на новоизградените делници нема да се поставуваат дополнителни наплатни станици.

Затоа, патувањето од Скопје до Охрид без ниту една патарина сè уште не може да се смета за потврдено.