ПРВ.мк
Македонија

НОВА НАДЕЖ ЗА ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ: 52-годишен пациент доби ново срце, 23-годишно момче бубрег и нова шанса за живот!

НОВА НАДЕЖ ЗА ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ: 52-годишен пациент доби ново срце, 23-годишно момче бубрег и нова шанса за живот!

Двајца пациенти добија нова надеж и можност за поквалитетен живот откако успешно беа извршени трансплантации на органи од донор, информира Министерството за здравство.

Во градите на 52-годишен пациент, кој уште од 2021 година се наоѓал на националната листа за трансплантација и чекал со надеж за нова можност, од денес чука ново срце. Операцијата претставува нов почеток за пациентот и крај на долгото и неизвесно чекање.

Истовремено, 23-годишно момче добило бубрег, со што добива шанса за значително подобар и поквалитетен живот по долг период на здравствени предизвици.

Освен органите, биле донирани и коскени ткива, кои ќе се користат за лекување и медицински интервенции кај други пациенти на кои им е потребна ваква помош.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека зад оваа хумана приказна стои семејство кое, и покрај огромната лична болка, донело одлука да помогне и да подари живот на други луѓе.

Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека ваквите одлуки претставуваат пример за човечност и солидарност, нагласувајќи дека системот продолжува да работи на унапредување на политиките поврзани со трансплантацијата и донорството.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството на донорот, оценувајќи дека нивната одлука променила повеќе животи и покажала колку е важна хуманоста во најтешките моменти.

Според официјалните информации, пациентите по трансплантациите се во стабилна здравствена состојба.

Најнови вести