Американскиот актер Ричард Гир остро го критикуваше претседателот на САД, Доналд Трамп, нарекувајќи го „манијак“ кој го уништува „сè она што е добро“ во американското општество и институции. Говорејќи на Форумот за слобода во Осло, Гир предупреди дека Соединетите Американски Држави се наоѓаат во еден од најтешките периоди во својата современа историја.
„Го преживуваме најтемниот момент што некогаш сум го видел на оваа планета. Кој би помислил дека Америка може да доживее ваков пресврт? Кој би помислил дека таков манијак може да стане претседател на Соединетите Држави?“, изјави 76-годишниот актер пред стотици присутни.
Гир престојуваше во норвешката престолнина за да ја врачи Меѓународната награда „Вацлав Хавел“ за креативен дисидентски ангажман на Форумот за слобода. Наградата им беше доделена на кинескиот уметник Гао Џен, кој се наоѓа во притвор во Кина, како и на мјанмарскиот дисидент Саи.
Говорејќи за политичките промени во САД, актерот оцени дека Трамп од доаѓањето на власт систематски го уривал она што тој го смета за позитивно наследство на американската држава и општество.
Како што пренесува американскиот весник „Вашингтон тајмс“, Гир веќе со години е еден од најгласните критичари на Трамп, а своите политички ставови честопати ги изнесува на меѓународни собири посветени на човековите права и демократијата.
„Од првиот ден тој човек демонтираше речиси сè што беше добро и што постоеше во американската влада и американското општество“, рече Гир.
Тој истакна дека одговорноста за ваквиот развој на настаните не ја сноси само политичката елита, туку и граѓаните кои, како што тврди, покажале недоволен интерес за политичките процеси.
„Како воопшто беше можно тоа? Затоа што заспавме. Не се грижевме. Не гласавме. Не слушавме баш“, рече актерот, додавајќи дека ниту тој самиот не направил доволно за да ги мобилизира луѓето околу себе.
Гир за време на говорот потсети и на неодамнешната посета на некогашниот нацистички концентрационен логор Дахау во Германија, предупредувајќи дека историјата покажува колку брзо општествата можат да склизнат во авторитаризам доколку граѓаните станат рамнодушни.
„Мораме да ги препознаеме знаците, оваа диктатура на чудовишта, колку брзо таа се зацврстува. Мораме да останеме будни“, порача тој.
Ова не е првпат ѕвездата на филмовите „Убава жена“ и „Американски жиголо“ јавно да се судри со Трамп. Уште во февруари 2025 година, Гир го нарече американскиот претседател „насилник“, предупредувајќи на последиците од политичката поларизација во земјата.







