Владата подготвува нов пакет прецизно насочени мерки за да го ублажи ударот од глобалната криза, а една од најсериозните опции што се разгледуваат е замрзнување на трговските маржи. Според најавите, доколку дојде до активирање на ваков чекор, идното одмрзнување би се правело постепено, со цел да се избегне нов бран на ценовни потреси.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека состојбата на Блискиот Исток е крајно сериозна и предупреди дека светот се соочува со енергетска криза од големи размери, каква што не е видена со децении. Според проценките, штетите врз енергетската инфраструктура во регионот веќе достигнуваат десетици милијарди долари, а индиректните последици се уште поголеми.
Покрај надворешниот притисок, државата годинава се соочува и со тешки финансиски обврски. Треба да се сервисираат околу 2,5 милијарди евра стари долгови, паралелно со редовната исплата на плати, пензии и останати буџетски расходи. Во меѓувреме, почнат е и процесот на враќање на средства по основ на солидарниот данок.
И покрај ваквиот товар, Владата уверува дека веќе презема чекори за заштита на стандардот на граѓаните. Меѓу нив се намалувањето на акцизите и понискиот ДДВ за горивата, мерки со кои се настојува да се ублажи ударот врз домашниот буџет.
Мицкоски тврди дека снабдувањето со горива засега е стабилно, иако потрошувачката е зголемена поради интересот и од странски возачи. Во овој момент, според Владата, не се размислува за зголемување на буџетскиот дефицит, но јасно е дека се подготвуваат потези за подолг и потежок период.









