ПРВ.мк
Македонија

Скопје пред голем пресврт: Ѓорѓиевски најави отворање на подземна сообраќајница и крај на важна фаза од булеварот „Македонија“

Скопје пред голем пресврт: Ѓорѓиевски најави отворање на подземна сообраќајница и крај на важна фаза од булеварот „Македонија“

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека завршува првата фаза од големиот инфраструктурен зафат на булеварот „Македонија“, проект што, според него, означува нов правец во развојот на главниот град. Тој истакна дека работите се одвиваат со засилено темпо, дури и во вечерните часови, со цел што побрзо да се стави во функција еден од најзначајните сообраќајни потези во Скопје.

Во рамки на оваа фаза се извршени реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти. Зафатот ги опфаќа улицата „Борис Трајковски“, делови од „11 Октомври“ и „Пролет“, како и булеварот „Македонија“, кој ќе се поврзе со следните етапи од проектот.

Особено значајно е што улицата „Пролет“ е проширена со уште една коловозна лента на делот од полициската станица до Тутунскиот комбинат, а раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови за поголема безбедност.

Ѓорѓиевски најави и дека подземната сообраќајница, која е дел од третата фаза, е веќе изградена и наскоро ќе биде ставена во функција по завршување на целокупниот проект. Таа ќе располага со шест ленти, од кои четири за возила и две за јавен превоз, како и пешачки патеки.

Во продолжение се планирани нови кружни текови, проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“ и изградба на атмосферска канализација. Според најавите, со целосното пуштање во употреба, метежот во централното подрачје би можел да се намали за околу 33 проценти.

Најнови вести