ПРВ.мк
Македонија

ТРЕБАШЕ ДА МУ ИСТЕЧЕ ПРИТВОРОТ, НО СТИГНА НОВО БАРАЊЕ: Деко осомничен за давање поткуп

ТРЕБАШЕ ДА МУ ИСТЕЧЕ ПРИТВОРОТ, НО СТИГНА НОВО БАРАЊЕ: Деко осомничен за давање поткуп

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори нова истражна постапка против Дејан Јованов-Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, овојпат поради сомнение за кривичното дело „давање поткуп“. Истовремено, до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување нов притвор. 

Новиот предмет доаѓа непосредно пред 3 октомври, кога му истекува притворот во постапката поврзана со пожарот во „Пулс“. 

Според Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му биде обезбедена лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога, според сомнението на обвинителството, знаел дека објектот не ги исполнува законските услови. За делото за кое се води новата истрага е предвидена казна затвор од една до десет години. 

Обвинителството бара нов притвор поради проценет ризик од бегство. Како дополнителна околност го наведува фактот дека против Јованов веќе се води друга кривична постапка за „тешки дела против општата сигурност“, поврзана со пожарот во кочанската дискотека. 

Од Обвинителството објаснуваат дека Јованов досега бил обезбеден со притвор во другиот предмет, но бидејќи законскиот рок за таа мерка истекува, а во новата истрага сè уште се прибираат докази, обвинителот оценил дека е неопходно да побара нова мерка за обезбедување на неговото присуство. 

Службеното лице кое, според сомнението, го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за примање поткуп. 

За новото барање за притвор судот треба да постапува на 2 октомври. Доколку биде прифатено, Јованов ќе остане во притвор и по истекот на мерката определена во предметот за пожарот во „Пулс“. Одбраната претходно понудила имотна гаранција од околу 200.000 евра за обезбедување на неговото присуство во постапката. 

Новата истрага е во почетна фаза, а наводите за давање поткуп се сомнение на Обвинителството и допрва треба да бидат предмет на понатамошна постапка.