Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со претседателот на Советот на Општината, д-р Стојанчо Рамов, и службите од локалната самоуправа, извршија увид во градежните активности на новопробиената улица „Вељко Влаховиќ“.
На оваа локација е извршено целосно тампонирање и асфалтирање на булеварот во должина од 180 метри. Претходно, на теренот беше поставена комплетна подземна инфраструктура, која вклучува нова водоводна, канализациона и атмосферска мрежа.
Проектот опфаќа вкупна површина од 4.900 метри квадратни, а покрај коловозот, изградени се нови тротоари и е поставено современо улично осветлување.
Оваа капитална инвестиција е во висина од 6 милиони денари, а средствата се целосно обезбедени од буџетот на Општина Кавадарци, со цел подобрување на патната мрежа и олеснување на сообраќајот во овој дел од градот.




