ПРВ.мк
Македонија

240 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА: Се воведува нов систем за органодарителство!

240 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА: Се воведува нов систем за органодарителство!

Во моментов во државата вкупно 240 пациенти се на листите за чекање за трансплантација на органи, покажуваат најновите податоци од здравствениот систем.

Најголем број од пациентите чекаат трансплантација на бубрег – 168 лица. Покрај нив, 37 пациенти чекаат срце, 12 пациенти се на листа за трансплантација на црн дроб, додека 23 лица очекуваат трансплантација на рожници.

Здравствените власти најавуваат нов законски модел за органодарителство, кој се оценува како значаен чекор во унапредување на трансплантацискиот систем. Со новото решение, секој полнолетен граѓанин при посета кај матичен лекар ќе може да се изјасни дали по смртта сака да биде органодарител или не.

Изјавата ќе биде евидентирана во национален систем, а граѓаните ќе имаат можност во секое време да ја променат својата одлука. Пред да се даде согласност, матичните лекари ќе бидат обврзани детално да ги информираат пациентите за значењето и правните последици од одлуката.

Од Министерството за здравство посочуваат дека пристапот до податоците ќе биде строго ограничен и контролиран, со цел да се обезбеди високо ниво на приватност и сигурност. Секој увид во системот ќе се евидентира, а важечка ќе биде последната внесена изјава на граѓанинот.

Новиот систем за изјаснување за органодарителство треба да започне со примена од 1 октомври.

Најнови вести