Обично возење од Гевгелија до Скопје завршило со напад и грабеж, откако двајца патници, наместо да ја подмират цената за превозот, физички го нападнале такси возачот и му ги одзеле вредните предмети.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во раните утрински часови на 19 јули. Како што пријавил 56-годишниот такси возач од Гевгелија, околу 2 часот по полноќ во неговото возило влегле две лица кои побарале да бидат превезени до населбата Шуто Оризари во Скопје.
Според нивниот договор, превозот требало да биде платен по пристигнувањето на крајната дестинација. Сепак, кога стигнале во Шуто Оризари, наместо да му ги исплатат договорените пари, патниците физички го нападнале возачот.
По нападот, му го одзеле паричникот во кој, покрај готовина, имало и лични документи, а потоа избегале од местото на настанот.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, идентификување на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата. Истрагата за овој случај продолжува.







