На лидерската средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски беше отворено едно од најчувствителните политички прашања – иднината на техничката влада. Според информациите од средбата, постои начелна согласност овој модел да се напушти, но како компромис се разгледува можноста укинувањето да стапи на сила по следните избори, доколку сега не се обезбеди целосен политички консензус.
Покрај ова, лидерите покажале подготвеност да обезбедат двотретинско мнозинство за законските измени неопходни за почеток на проектот „Сејф сити“, кој се смета за клучен во областа на безбедноста и сообраќајот. Договорени се и итни разговори за избор на нов Народен правобранител, како и забрзување на измените во Изборниот законик.
Меѓу предложените изборни реформи се спомнува воведување една изборна единица, отворени листи, изборен праг од 5 проценти и поголемо учество на дијаспората во изборниот процес. Дел од овие прашања, како што беше најавено, ќе се разгледуваат и преку пратеничките групи во Собранието.
Во фокусот на разговорите биле и евроинтеграциите, а премиерот најавил дека ваквите средби ќе станат почести во наредниот период со цел побрзо наоѓање решенија за отворените прашања.
На средбата присуствуваа претставници на повеќе политички партии, меѓу кои и лидери на ЗНАМ, „Вреди“, Левицата и ДУИ, додека СДСМ ја одби поканата, јасно ставајќи до знаење дека не го поддржува укинувањето на техничката влада.
















