Цените на пекарските производи повторно растат, а бурекот, ѓеврекот и белите печива полека стануваат луксуз за сѐ поголем број граѓани. Во дел од пекарите веќе е забележано поскапување, а во наредниот период се очекува корекција на цените и кај останатите.
Граѓаните реагираат дека во некои пекари цените се зголемени и до 10 денари по производ, додека поевтини опции речиси и да не постојат. Четврт бурек со јогурт веќе достигнува цена од 120 денари, симит-погача се продава по 40 до 50 денари, а ѓеврекот ретко каде може да се најде под 30 денари. Под таа цена, велат купувачите, веќе нема ниту обични бели печива.
Како главна причина за новиот бран поскапувања, пекарите го наведуваат зголемувањето на цената на електричната енергија, која претставува еден од најголемите трошоци во нивното производство. Дополнително, зголемени се и трошоците за работна рака, што директно влијае врз крајната цена на производите.
„Принудени сме да ги корегираме цените за да ја одржиме економската стабилност на бизнисот. Струјата и платите значително ги зголемија трошоците“, велат дел од пекарите.
Од бизнис секторот апелираат пекарите, особено малите, да размислат за набавка на електрична енергија на слободниот пазар преку регистрирани трговци, со цел да се избегне дополнително поскапување. Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, најранливи се малите пекари и занаетчии кои работат во рамки на домаќинства и плаќаат поскапа струја.
Тој предупредува дека доколку цените продолжат да растат, дел од граѓаните ќе се откажат од пекарските производи и ќе се префрлат на поевтини алтернативи – појадок од маркет или храна од дома.
Поскапувањата, според граѓаните, веќе сериозно го погодуваат секојдневниот буџет, а евтиниот појадок од пекара станува сѐ поретка опција.
















