ПРВ.мк
Македонија

Нема бегање од казните: „Безбеден град“ ќе ги евидентира и овие возила

Нема бегање од казните: „Безбеден град“ ќе ги евидентира и овие возила

Системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да се применува и за возилата со странски регистарски таблички, а возачите кои направиле сообраќаен прекршок во Македонија ќе бидат известувани за казната на граничните премини.

Новиот начин на функционирање најпрво ќе започне на граничниот премин Табановце, по што е предвидено да биде проширен и на останатите гранични премини во земјава.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на странските возачи кои системот ги евидентирал дека сториле прекршок или кривично дело на територијата на Македонија, при пристигнувањето на граница ќе им биде соопштено дека се евидентирани.

За сообраќаен прекршок ќе им биде издаден записник со прекршочен платен налог, по што ќе можат да ја платат казната. Доколку тоа не се случи, предвидено е да бидат изведени пред надлежен суд по брза постапка.

Софтверското поврзување на системот со граничните премини е во завршна фаза, а засега контролата на странските возачи на Коридорите 8 и 10 ја вршат сообраќајната полиција и полициските пресретнувачи.

Според досегашните податоци, во првите пет месеци од функционирањето на „Безбеден град“ биле регистрирани повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци, од кои околу 95 проценти се однесувале на пречекорување на дозволената брзина.

Системот започна со примена на 2 февруари 2026 година и опфаќа видеонадзор и автоматско детектирање прекршоци во Скопје, Тетово и Куманово, како и на Коридорите 8 и 10, со план за негово проширување на национално ниво.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во првите пет месеци од примената на системот бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти – од 55 во истиот период минатата година на 33 лица годинава.